ФАКТОР АНАЛИЗА: Кои се најголемите трговци со горива?

Објавено во: Анализа 23 Мај, 2025 10:55
ОКТА останува неприкосновен увозник на нафтени деривати, а „Макпетрол“ и понатаму е најголем продавач на горива на мало. Но во структурата на господарите на октаните има измени. Во годината што е зад нас трет најголем учесник на пазарот е скопски „Супертрејд“ пред вториот најголем синџир бензински пумпи „Лукоил“. Како и досега во најголемите десет компании за трговија со горива остануваат да бидат винички „Дади Оил“ кој работи со ОКТА, кавадаречка „Црна Река Петрол“, „Пуцко Петрол“ и струмички „Јавор Шпед“. Бизнисот на најголемите десет трговци со горива лани вредел две милијарди евра
Македонија, според официјалните податоци, има повеќе од 750.000 возила на моторен погон од кои над 600.000 се автомобили кои се регистрираат во патниот промет. Другото се автобуси, камиони, градежни и специјални машини и моторцикли од најразлични величини. И не се само тие. Голем дел од нашата индустрија користи фосилни горива како погонско гориво за своите производи и услуги. На сите овие потрошувачи им треба „чорба“ односно погонско гориво за да се покренат.
А тоа значи полни раце работа за трговците со горива, како на големо така и на мало. Агрегатниот приход на најголемите десет меѓу нив лани изнесува „округло“ две милијарди евра.
Кои се господари на октаните?
Очекувано ОКТА и Макпетрол остануваат најголеми пазарни учесници на македонскиот пазар на нафтени деривати. Поранешата скопска рафинерија, а сега најголема компанија за трговија на големо – ОКТА е доминантна на тој сегмент. Традиционално ОКТА е секоја година најголем увозник на нафтени деривати во земјава. Исто така со тоа се стекнува автоматски и со титулата најголем трговец на големо.
Макпетрол е најголем продавач на нафтени деривати на мало затоа што има традиција подолга од 75 години, но и наjмногу бензински пумпи ширум Македонија. Лани вкупно 126 продажни точки за горива поточно бензински пумпи на територијата на Македонија.
Интересно е тоа што скопски „Супертрејд“ на нашиот пазар се позиционира како најголем меѓу помалите гросисти на пазарот на големо со нафтени деривати. Годинава направи приход од 186 милиони евра.
И во 2024 година големиот трговец од малата Виница е меѓу најголемите пет компании. Тоа е „Дади Оил“ фирма за трговија на големо со нафтени деривати која лани има поголеми приходи од „Црна Река Петрол“ и од „Пуцко Петрол.
Кои се најпрофитабилни меѓу најголемите трговци со горива?
Убедливо најпрофитабилни лани се „Макпетрол“ и „Пуцко Петрол“. При тоа „Макпетрол“ лани остварил добивка што надминува 17 милиони евра и во најзначаен дел акумулираниот профит е од дејноста што ја работи оваа голема македонска компанија.
Добивката на „Пуцко Петрол“ лани во најзначајна мерка е резултат на продажбата на сите негови акции во ОКТА (каде оваа компанија имаше нешто над 10 отсто од сите акции со право на глас н.з.). Од таа трансакција „Пуцко Петрол“ заработи 7,9 милиони евра.
За нијанса односно во фото-финиш „Лукоил Македонија“ има поголема добивка кумановски ДЕТ-Оил и од гигантот ОКТА. Добивка поголема од 2 милиони евра има и за виничката компанија „Дади Оил“.