22 Мај, 2025
0.0866

Европскиот ултиматум за Русија пропадна – сега сите го чекаат Трамп

Објавено во: Колумни 19 Мај, 2025 08:22

Добивај вести на Viber

Смешни излегоа европските лидери, кои во минатиот понеделник ги одбројуваа часовите до стартот на ултиматумот што и го дадоа на Русија, за итно примирје во Украина. Работите тргнаа по сценариото што го напиша рускиот претседател, Владимир Путин. И во петокот, во Истанбул се одржаа првите директни преговори меѓу Русија и Украина, по три години. Веднаш по преговорите претставници на преговарачките делегации и на домаќинот ги оценија преговорите како констуруктивни, постигнат договор за размена на по 1000 заробени војници и договорено е продолжување на преговорите. Средба за прв пат по толку години, и со овој резултат е позитивна.

Но, се’ уште не вратени делегациите дома, со поддршката кон нив од домаќинот, Турција, со негативни реакции се јавија клучните европски лидери и украинскиот претседател Владимир Зеленски. Од Тирана тие му се јавија на американскиот претседател, Доналд Трамп, да му се пожалат дека Русија во Истанбул „не покажала добра волја“, дека допрва не „чекаат тешки денови“, дека руските услови дадени на преговорите биле неприфатливи, „не само за Украина, туку за сите нас“.  Дека Русите не сакале Американци на преговорите. Чиниш Русија војува со Европа, па со неа преговара, или пак ова е признание дека зад Украина војната ја водат европски држави, а по изборот на Трамп, намалена е улогата на Америка.

За Европјаните  сега главна задача е зачувувањето на единството со САД. Тие се свесни дека без нив не можат ништо да преземат. Зеленски побарал од Трамп да продолжи притисокот врз Русија се’ додека таа не биде готова да стави крај на војната. Од Тирана, по разговорите со Трамп, францускиот претседател, Емануел Макрон, најави дека американскиот претседател наскоро ќе разговара со Путин. И  навистина се јави Трамп да каже дека во понеделни, денес, во 16 часот ќе разговара најнапред со Путин, па со Зеленски, па со  европските лидери.

ГОЛЕМИ ИГРИ

Во петокот од Кремљ соопшти дека контактите меѓу Путин и Трамп се „крајно важни“, за договор за прекин на огнот во Украина. Овој коментар дојде по изјавата дадена од Трамп дека е подготвен да се сретне со Путин,  „кога ќе успееме тоа да го организираме“, за да се постигне  прекин на огнот во конфликтот. „Јас мислам дека е време тоа да го направиме...Ние ќе го направиме“, изјави Трамп. Според портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, „Контактите на претседателите Путин и Трамп се крајно важни во контекст на решавањето на украинската криза“. Ова оди на вода на Трамп, кој секогаш се залага за мир во Украина, па затоа и најавува средба со Путин.

Околу Украина во моментов има големи игри. Се оди до таму што солидни изданија пишуваат дека Киев се плаши од некаков договор меѓу Москва и Вашингтон, од кого Украинците ќе бидат ставени пред свршен чин. Со предлог кој тие не ќе можат да го прифатат. Има експерти кои сметаат дека преговорите се на пат кон поделба на Украина меѓу Путин и Трамп. Со поставување на неприфатливи услови, кои би биле во стилот, „прифаќај или заминувај“. Киев ваквите предлози не би ги прифатил, но тоа ќе значи дека војната ќе продолжи, Американците ќе се повлечат, а на Украинците ќе им биде многу тешко. Ова во моментов не е факт, но е патот кон кој се движат работите.

Токму тоа е патот по кој не сакаат да одат во Европа. Тие, неколку лидери, со денови работат над планот за прекин но војната во Украина, па изготвија и предлог-ултиматум од 22 точки, за кои американскиот помошник на Трамп, задолжен за Украина, Кит Келог вели дека првата точка е „сеопфатен прекин на огнот“. За да го одобровољат Путин, тие европски лидери менуваат точки во договорот во од’. Нема да заборавиме на идеите на Макрон за праќање војски во Украина. Те толку, те онолку, те вакви, те онакви. За да вчера од устата на германскиот канцелар, Фридрих Мерц, чуеме дека:„ Сега нема причини да се зборува за праќање војници, ние не сме готови за тоа. Ние само сакаме, орудијата да замолчат, да се прекинат убиствата...тоа се прашањата со кои ние сега се занимаваме и ништо повеќе“. Што не значи дека меѓу 22-те точки има нешто и за војски. 

За праќањето војници во Украина во Европа нема единство, како и за други работи. Италијанската премиерка, Џорџа Мелони, е скарана со Макрон. Медиуми пишуваат дека Мерц сега се јавува како посредник за да го омекне спорот меѓу Италија и Франција. Мелони е лута дека во разговорите со САД, Макрон, Мерц, полскиот премиер Доналд Туска и британскиот премиер, Кир Стармер, не беше вклучена и таа. Не ја вклучија во телефонскиот разговор во петокот со Трамп од Тирана. Наводно не ја сакал Макрон, затоа што таа не сакала да праќа војска во Украина. Макрон тврдел дека тоа е лажна информација и дека во разговорот со Трамп не станало воопшто збор за изпраќање војски во Украина. Како и да е, Европа со вакви лидери тешко дека ќе се справи со предизвикот утре, ако САД се повлечат воено од Украина, за да ја заменат нивната улога.

„РАЗОРНИ САНКЦИИ“

И денес Доналд Трамп треба да ги направи решавачките преговори со Владимир Путин. Европа го чека Трамп, Русија го чека Трамп. Сите го чекаат човекот кој ги менува одлуките како чорапи. Не ги менува само оние, кои му носат пари. Не задолжително нему, туку и на Америка. Доналд Трамп ќе има телефонски разговор со Владимир Путин, што ќе биде прв контакт меѓу двајцата лидери по руско-украинските разговори во Истанбул. Рековме дека американскиот претседател, потоа, има намера да се јави кај претседателот Зеленски и кај европските лидери. Трамп верува дека само тој може да го реши конфликтот, но ако преговорите со Русија не успеат, САД, според него, може да воведат „разорни санкции“ против неа. Државниот секретар Марко Рубио, исто така, зборуваше за растечкиот двопартиски притисок врз американската администрација од страна на поддржувачите на казнени мерки против Москва.

Контактите на САД и Русија, особено инсистирањето дека решение за конфликтот во Украина е можно само со лична средба на Трамп и Путин, ги вознемирува и Украинците и нивните европски сојузници. Не го оставаат Трамп ни дење ни ноќе. Минатата недела пишувавме дека за ултиматумот го побарале рано утрото, небаре кога бил во пижами. А вчера не спиеле европските сојузници, па  доцна вечерта по европско време лидерите на САД, Велика Британија, Германија, Франција и Италија разговарале пред средбата меѓу Трамп и Путин. Очигледно лутината на Мелони надвладела над ставот на Макрон, Мерц помогнал, па и неа ја поканиле. „Во очекување на телефонскиот разговор на претседателот Трамп со претседателот Путин, лидерите разговараа за потребата од безусловно примирје  и сериозен однос на претседателот Путин кон мировните преговори“, се вели во соопштението на Прес-службата од Даунинг стрит.

Покрај тоа, лидерите на петте западни држави, според соопштението за медиумите, разговарале за прашањето за нови санкции доколку Русија не покаже сериозен став кон преговорите за прекин на огнот и за мирот. Американците на инаугурацијата на Папата во Ватикан, потпретседателот Џеј ди Венс и државниот секретар Марко Рубио, беа ловени од Зеленски и од Европејците. Тема на разговор - телефонскиот разговор меѓу Трамп и Путин. И повторно исти барања кои треба да му бидат пренесени на Трамп. Нема да спие тој од толку пораки кои треба да ги запомни пред денес да се чуе со Путин.

Но и Русите не останаа покусур. Па му упатија порака на Трамп. Во саботата беа публикувани кадри кои не влегоа во филмот „Русија.Кремљ.Путин.25 години“, прикажан на 4 мај. Намерно или ненамерно исечени тогаш, сега се појавија во јавноста. Изјавите на Путин како да беа порака за Трамп. Според него, резултатите од „специјалната воена операција“ треба да ги обезбедат  „интересите на нашите луѓе на тие територии за кои постојано зборуваме - каде што живеат луѓе кои го сметаат рускиот за свој мајчин јазик и ја сметаат Русија за своја татковина“. Според него, резултатот од специјалната операција треба да биде и елиминирање на причините што доведоа до кризата. „Создавање услови за долгорочен одржлив мир и обезбедување на безбедноста на руската држава“, прецизираше Путин. За се’ да биде во рамките на политиката, која Русија ја води последниве години, „ако можат Аериканците, можеме и ние“, Путин одговарајќи на прашањето дали постојат допирни точки со САД вели:„Американците, американскиот народ и американското раководство, вклучувајќи го претседателот, имаат свои национални интереси. Русија го почитува тоа, поаѓајќи од тоа дека и кон нас ќе се однесуваат на ист начин“.

ПРЕКИН НА ОГНОТ

Што ќе донесе разговорот меѓу Трамп и Путин? Веќе пишувавме дека има верзии за нивен „договор“ за Украина, а се’ она што го гледаме сега е производ на тој договор. Во некои политичките кругови може да се чуе верзијата дека американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин одамна разговарале за „договор“ меѓу себе за Украина и дека сè што се случува сега се нивни координирани дејствија. Трамп почна со притисоци врз Украина и Европа, за прекин на огнот, па кога овие прифатија, почна да „врши“ притисок врз Путин. Па дојде ултиматумот, кој требаше да биде удар врз Кремљ, а Трамп елегантно го реши праќајќи го Зеленски во Турција на „директни“ преговори со Путин. Па рече дека само тој може да ги реши работите. А тоа ќе значи дека ќе има мир кој тој го постигнал со многу попусти кон Русија, но и руски за Америка, па може и бизнис.

Во моментов сите зборуваат дека Русија мора да го прифати прекинот на огнот. Американски политичари зборуваат за сеопфатен и траен мир. Можеби Москва ќе го прифати, но на нејзини услови. И таа е за траен мир заверен во мировен договор. А за него ќе треба да се водат долги преговори во кои ќе има многу содржина. Што руска, што украинска. Повеќе од оној кој може да ги диктира условите од таквиот мировен договор. Значи не се зборува за времен прекин на воените дејства. Но, Русија е подготвена и за него да води пазар. Затоа што во случај да не се согласи, Американците ветуваат сериозни санкции. Русите можат и да не се согласат со прекин на воените дејства, но за тоа ќе треба да имаат подготвено сериозен одговор. Втора работа се териториите. Руската програма максимум е повлекување на украинските војски на административните граници на териториите кои сега се под руска контрола. САД се за прекин на огнот на линијата на фронтот. А таа секој ден се поместува на запад. Некои политичари велат дека Путин „го влече Трамп за нос“. Овој не еднаш рече дека му верува на Путин, па и дека ќе го провери горното тврдење.  Ова најмногу се однесува на политиката на Путин да ги одлага работите. Но сето тоа го прави за да добие време за воени активности. 

Во моментов во игра се два плана за Украина. Едниот на Трамп објавен пред еден месец за прекин на огнот, па американско признавање на Крим, укинување на американски санкции кон Русија.., по што реагираше Европа и го направи својот план од 22 точки во наводна соработка со САД. Тој план засега не е објавен, а Путин одби да го прими Стив Виткоф, кој требаше да му го презентира. Можеби европскиот план е поригорозен за Русите.

Во сето ова никаде не се споменуваат барањата на Украина. Таа е во дефанзива. Има изгубено територии, на фронтот работите не и одат баш најдобро. Американците засега се воздржани со помошта, освен онаа што беше дадена од Бајден, 60-тина милијарди долари, која се реализира, но и брзо се троши. Агресивната дипломатија не и овозможува да направи некаков пресврт на меѓународен план. Напорите да се направи нешто кај Глобалниот југ засега не вродуваат со плод. Тој повеќе како да е за Русија или се држи настрана. Земјите од БРИКС јавно или тајно и помогнаа и и’ помагаат на Русија. Сите други како да се во исчекување. Ја нема Каја Калас да најавува борба до распаѓање на Русија, или други политичари кои ветуваа борба на Украина до победа. Сега тие зборуваат за траен и праведен мир. А што е праведен мир? Факт е дека зад Украина стојат земјите членки на НАТО и на ЕУ, но не сите. И тоа ја зголемува нервозата и во Украина и во Алијансата и Унијата.

Разговорот меѓу Трамп и Путин е најавен од страна на американскиот претседател за 10 часот по американско време. Во зависност од тоа колку ќе трае, денес вечер ќе ги дознаеме резултатот од него. А со тоа и иднината на развојот на настаните во Украина и последиците од  нив. Дали ќе зборуваме за мир таму. Дали ќе зборуваме за најава за средба на Трамп и Путин? Средба која дефинитивно ќе донесе решение за војната. Или пак продолжување на војната со ескалација, а можеби и кревање раце на Трамп од обидот да стави крај на војната во Украина. Со сите несогледиви последици за Украина од таквиот потег. Шанса Трамп да не крене раце од посредувањето е неговата славољубивост. Прашање е колку Путин, Украина и Европа ќе му ја прихрануваат. Како што стојат работите нема место за голем оптимизам. Јазот меѓу двете завојувани страни, се разбира и Западот како дел од едната страна(Европа пред се’) е огромен.

Мирче Адамчевски


OSZAR »