СТАНОВИ И ДУЌАНИ ЌЕ НИКНАТ ВО НЕКОГАШНИОТ ТЕКСТИЛЕН ГИГАНТ „ТЕТЕКС“ - беа сервисни објекти, сега таму ќе градат инвеститори

Објавено во: Економија 04 Јуни, 2025 08:20
Станови и дуќани ќе никнат на дел од имотот на некогашниот тетовски гигант за производство на текстилни производи, Тетекс, а сега компанија која престана со оваа своја долги години основна дејност, но која продолжи и натаму да работи и да оставрува солидни добивки.
„Тетекс“ ја информираше Македонската берза за долгорочни хартии од вредност дека компанијата добила одобрение за градење од Општина Тетово, за изградба на станбени објекти и деловен простор, за земјиште кое е во сопственост на друштвото, на површина од близу 30 илјади метри квадратни.
„Тетекс АД Тетово известува дека на 30 мај годинава е добиено Одобрение за градење од страна на општина Тетово, за објекти со намена А2.1 домување во станбени згради со компатибилна намена Б1 деловен, на КП бр.5448/5 Тетово 2, во сопственост на Друштвото, која е со вкупна површина од 28.884 м2 и со вкупна книговодствена вредност од 1.233.347 денари. Согласно одобрението, Тетекс АД Тетово се јавува како еден од инвеститорите“, се вели во објавата која „Тетекс“ ја сподели со инвеститорската јавност како ценовно чувствителна информација на Берзата.
Фактор се интересираше директно во „Тетекс“ за што конкретно станува збор, но оттаму ни открија само помали детали, со оглед што во оваа фаза од постапката не може да се обелоденува повеќе.
Се интересиравме и зошто земјиштето на кое ќе се гради е наведено дека има толку мала вредност, односно 1,23 милиони денари, што е рамно на околу 21 илјади евра, но оттаму ни објаснија дека станува збор само за тоа колкава е евидентираната книговодствена вредност на земјиштето.
Она што засега може да се дознае е дека „Тетекс“ се јавува само како сопственик на земјиштето, и затоа компанијата го добила Одобрението за градба, но потоа изградбата ќе ја продолжат други инвеститори. Токму од причина што со инвеститорите се договорени клаузули за доверливост, не би можеле да се објавуваат повеќе информации.
Она што може да се дознае е дека становите и деловниот простор ќе се градат во рамките на просторот на некогаш огромниот комбинатот. Практично, се работи за нивни неколку градежни парцели кои сега се ослободуваат, на место каде што досега биле сервисни објекти или некои помошни простории, коишто сега не се потребни и ќе бидат срушени, па таму ќе стартува изградба на станови и деловен простор.
Како што објаснуваат од комбинатот, на времето всушност „Тетекс“ бил лоциран надвор од Тетово, како и своевремено сите индустриски капацитети, но сега градот е толку проширен, што буквално оваа локација на некој начин доаѓа во централното градско подрачје.
Засега не се знае ниту кога би почнала изградбата, а се очекува практично маркетингот и се околу афирмација на новите објекти, но и одредувањето на нивните цени, да ги менаџираат идните инвеститори.
Како што е познато, пред извесен период „Тетекс“ објави дека го прекинува производството во фабриката „Конфекција“, последниот активен производствен погон во рамките на комбинатот. Оваа одлука беше донесена поради континуирана нерентабилност на погонот, при што загубите од неговото работење се покривале од добивките на другите, профитабилни деловни единици на компанијата . Иако затворањето на „Конфекција“ предизвика загриженост во јавноста, од „Тетекс“ истакнаа дека компанијата не се затвора целосно, туку се фокусира на одржување и зголемување на рентабилноста преку реорганизација на деловните активности.
„Тетекс“ е компанија која секоја година остварува одлични добивки, а во голем дел во тоа помагаат и нејзините акции во ТТК банка, каде што е доминантен и најголем поединечен акционер. Малата ТТК банка работи успешно и секоја година остварува солидни профити, кои во голем дел завршуваат како дивиденди кај најголемиот поединечен акционер „Тетекс“. Комбинатот остварува приходи и од продажба на текстилни производи од својата залиха, како и од рента на недвижен имот и од дивиденди. Во 2023 година комбинатот оствари добивка од 1,6 милиони евра, а лани профитот изнесуваше 1,13 милиони евра.
„Тетекс“ лани вработувал 27 лица. За плати вкупно „Тетекс“ исплатил 500.000 евра. Од тоа излегува дека просечната бруто плата во „Тетекс“ лани по вработени изнесува над 1.500 евра.
За минатата година „Тетекс“ одобри за дивиденда да се поделат 351 илјади евра.
Н.Н.Ф.
Можеби ќе ве интересира
ДОБРА „ЗАРАБОТКА“ ЗА ЦАРИНА: Директорот Николовски се пофали за остварените приходи

КОИ АКЦИОНЕРИ ГИ ЗАСИЛИЈА СВОИТЕ ПАКЕТИ ВО „МАКЕДОНИЈАТУРИСТ“ - по подолго затишје, можно ли е да има нова бура

НА „ЦРНАТА“ ЛИСТА СЕ 141 РАБОТОДАВАЧ, ПЕТ АГЕНЦИИ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ И ЕДЕН - ЗДРАВСТВЕН ЦЕНТАР: Хрватска почна да ги објавува имињата
ОБЕСПРАВЕНИ ВО ПЛАЌАЊЕТО: За 12 евра е поскапа за нас електричната енергија што ја увезуваме

НАМЕСТО ДА УЖИВААТ, И ВО ПЕНЗИЈА РАБОТАТ: Над 10 отсто од лицата на возраст за пензионирање во ЕУ и натаму работат

НЛБ СКЛАДИ ОД СЛОВЕНИЈА, ЧЛЕНКА НА НЛБ ГРУПАЦИЈАТА, КУПУВА СРПСКА КОМПАНИЈА ЗА ГРАДСКО ОСВЕТЛУВАЊЕ - ова се деталите за зделката

СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ НУДАТ МОЖНОСТ ЗА ПРОМОЦИЈА: Како хобито да се претвори во бизнис?

„ВЕРУВАЛЕ ИЛИ НЕ, ПЛАТИТЕ РАСТАТ, САМО НЕ НА РАБОТНИЦИТЕ“: Трендафилов открива „плата на функционер зголемена за 13,8 проценти“, за кој функционер станува збор?

ОВАА КАТЕГОРИЈА НЕВРАБОТЕНИ ЌЕ ДОБИЈАТ ПОМОШ: Државата нуди поддршка за да почнете сопствен бизнис! Еве што треба да направите
